Четири бомби за Меси, Роналдо бил прогонуван, судија добил 6.000 смртни закани
За време на Мундијалот, ФБИ го координирал Меѓународниот центар за полициска соработка, во кој учествувале американски безбедносни служби и претставници од земјите учеснички. Центарот ги следел сите потенцијални закани – од терористички напади, преку агресивни навивачи, до закани упатени кон фудбалерите и судиите.
Најсериозната закана против Меси пристигнала пред натпреварот Аргентина – Јордан во Далас. Непознат маж се јавил на аеродромот и тврдел дека заедно со уште две лица се движат кон стадионот вооружени со импровизирани бомби и полуавтоматска пушка АР-15, најавувајќи напад врз полицајци и фудбалери, а посебно го споменал Меси како цел.
Неколку дена подоцна, пред средбата Аргентина – Египет во Атланта, на социјалната мрежа „Икс“ се појавила објава во која корисник тврдел дека ќе влезе на стадионот со четири бомби прикачени на телото за да го убие аргентинскиот капитен. За време на истиот натпревар бил пријавен и сомнителен повик дека на стадионот се поставени три бомби, по што специјални единици со кучиња трагачи детално го пребарале објектот.

Додека Меси бил најчеста мета на закани, Кристијано Роналдо бил најчесто прогонуваниот фудбалер. Во Хјустон бил уапсен маж кој се распрашувал каде е сместен Португалецот, а во Торонто друг навивач се обидел да влезе во лифтот со него за да направи селфи. Дополнителни инциденти биле регистрирани и во Мајами, како и за време на натпреварот Португалија – Хрватска, кога навивач втрчал на теренот.
Безбедносните служби регистрирале и бројни закани кон други фудбалери. Килијан Мбапе бил изложен на ксенофобски навреди по инцидент со голманот на Парагвај, а во таа земја дури било запалено и кукла со негов лик. Норвежанецот Александер Серлот и неговата сопруга добиле сериозни закани поради промашена гол-шанса, додека колумбискиот репрезентативец Хаминтон Кампас не се вратил дома со остатокот од репрезентацијата поради страв за својата безбедност. Закани добил и францускиот дефанзивец Лука Дињ по пеналот што го направил против Ламин Јамал.
Особено драматична била ситуацијата со селекторот Хон Мјонг-Бо и целата репрезентација на Јужна Кореја, кои по елиминацијата морале под силно полициско обезбедување да бидат спроведени до аеродромот поради смртни закани. Најтежок случај, сепак, бил оној на францускиот судија Франсоа Летексие по контроверзниот натпревар меѓу Аргентина и Египет. Според извештаите, тој добил околу 6.000 заканувачки пораки на „Вотсап“, најголемиот дел испратени од египетски државјани.
Закани добил и ВАР-судијата Вили Делажо, а француската полиција морала да обезбеди дополнителна заштита за нивните домови и семејства, откако нивните адреси биле објавени на социјалните мрежи.