Родик распука по Кирјос: Ги обвинуваш другите, а за себе бараш разбирање
Родик во својот подкаст се осврна на контроверзите околу Кирјос и неговото барање јавноста да ги разбере околностите низ кои минувал, посочувајќи дека Австралиецот во минатото често ги напаѓал другите тенисери и јавно ги доведувал во прашање нивните постапки.
Американецот особено го посочи односот на Кирјос кон Ига Швјонтек, Јаник Синер, но и кон самиот Родик.
„Сакаш луѓето да го разберат твојот момент во животот, но во исто време постојано ги обвинуваш другите. Нема момент во кој не се појавуваш во коментарите кај Швјонтек, Синер или кај мене, откако ме обвини дека користам стероиди“, порача Родик.
Тој додаде дека разбирањето на нечии околности не значи дека определена постапка автоматски станува прифатлива.
„Можеби сакаш да кажеш дека тоа не си ти и дека тоа не е нешто што го правиш, но ти си одговорен за тоа што си го признал. А потоа зборуваш за тоа како си бил напаѓан и малтретиран на интернет. Едноставно, тоа е лицемерно“, истакна поранешниот американски тенисер.
Родик во своето излагање направи паралела и со Јаник Синер, нагласувајќи дека Кирјос во минатото бил еден од најгласните критичари на Италијанецот и на допинг-скандалите во тенисот.
Со своите остри зборови Родик повторно отвори тема за двојните стандарди во „белиот спорт“, а критиките кон Кирјос се очекува да предизвикаат нова реакција од контроверзниот Австралиец. Против него застана и романската тенисерка Симона Халеп која исто така во минатото беше цел на Кирјос поради допинг скандал.