Гендузи по хаосот во Лион: „60.000 луѓе ми ги навредуваа мајката и децата!“
Инцидентите започнаа веднаш по последниот свиреж, а ситуацијата дополнително ескалираше при излегувањето на фудбалерите од теренот. Во центарот на вниманието се најде токму Французинот, поради начинот на кој ја прослави големата победа на Фенербахче. Тој откри дека тензиите меѓу него и домашните навивачи започнале уште пред почетокот на натпреварот, за време на загревањето. Според него, навивачите на Лион постојано му го навредувале семејството, вклучително и мајка му и децата.
„Кога имате 60.000 луѓе кои ви го навредуваат семејетвото, мајката и децата и тоа уште пред почетокот на натпреварот, а никој од судиите не реагира и не им вели на навивачите да престанат... Знам дека во Франција во такви ситуации се разговара со навивачите и натпреварот може да биде прекинат“, изјави Гендузи по мечот.
Тој тврди дека провокациите продолжиле во текот на целиот натпревар и дека никој не направил ништо за да ја смири ситуацијата.
„Во текот на сите 90 минути, па и подолго ако се смета загревањето, го навредуваа моето семејство. Таквите работи ве погодуваат“, додаде францускиот играч за врска.
По последниот свиреж, Гендузи емотивно реагираше, а потоа објасни зошто решил на специфичен начин да ја прослави победата пред навивачите на Лион.
„Ако сакате да се задеваваме, тогаш тоа мора да важи во двете насоки. Ја навредуваа мајка ми и семејството, што за мене беше непочитување. Ако потоа не можеме да славиме како што сакаме, тогаш навистина е штета“, вели Гендузи.
Французинот нагласи дека неговата прослава немала цел дополнително да ги испровоцира домашните навивачи, туку била реакција на она што го доживеал во текот на натпреварот.
„Сите знаат дека навивам за Марсеј, никогаш не сум го криел тоа. Тоа е само задевање. Гледав натпревари на кои играчите на Лион славеа пред трибината на „Велодром“. Мора да важи во двете насоки. Имам право да славам, а во тој знак нема ништо навредливо“, заклучи Гендузи.