Изненаден е некој? Аргентинската фудбалска федерација му даде поддршка на Инфантино

Аргентинската фудбалска федерација (АФА) официјално му даде целосна поддршка на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и порача дека сака светската фудбалска организација да продолжи да функционира под негово раководство.

Од АФА истакнаа дека веруваат во работата на Инфантино и во насоката во која тој ја води ФИФА, нагласувајќи дека неговото претседателство донело значајни промени и проекти за развој на фудбалот ширум светот.

„Аргентинската фудбалска асоцијација му изразува целосна поддршка на Џани Инфантино и посакува ФИФА да продолжи да работи под негово водство“, се наведува во официјалното соопштение.

Поддршката од Аргентина доаѓа во период кога Инфантино се соочува со различни реакции во меѓународната фудбалска јавност поради одлуките донесени во неговиот мандат, меѓу кои се проширувањето на Светското првенство и промените во календарот на натпреварувањата. Инфантино, кој е на чело на ФИФА од 2016 година, беше реизбран за претседател без противкандидат во 2023 година, а неговиот актуелен мандат трае до 2027 година.

Аргентина, актуелниот светски шампион, со оваа одлука испрати јасна порака дека стои зад актуелното раководство на ФИФА и дека ја поддржува политиката на Инфантино за иднината на најголемата фудбалска организација во светот. Ваквата порака не е големо изненадување за љубителите на фудбалот низ целиот свет бидејќи Аргентинците постојано се обвинувани дека имаат голема поддршка од актуелниот претседател на ФИФА и дека поради тоа ги остварија големите успеси и ги освоија големите трофеи последните години.