Претепан познат хрватски судија - го нападнале со безбол палки!
Според првичните информациите, 43-годишниот делител на правдата бил нападнат додека бил на своето вообичаено утринско трчање. Двајца напаѓачи го пресретнале и го нападнале со безбол палки, а потоа го удирале и со клоци. Пејин, кој своевремено судеше во најсилната хрватска лига, а денес е еден од ВАР-судиите, бил пронајден како лежи на улица, по што веднаш му била укажана лекарска помош во Клиничкиот болнички центар во Осиек.
Според медиумите, уште потешки последици биле избегнати благодарение на случаен возач кој минувал покрај местото на нападот. Тој почнал силно да свири со автомобилската сирена, што ги исплашило напаѓачите и ги натерало да избегаат. Полицијата извршила увид и започнала интензивна потрага по сторителите.
„Не знам зошто бев нападнат, ниту кој ме нападна. Се надевам дека полицијата ќе ги пронајде напаѓачите“, изјавил кратко Пејин за хрватските медиуми.
Покрај ангажманот како ВАР-судија, Тихомир Пејин е и директор на Аеродромот во Осиек. Мотивот за нападот засега не е познат, а истрагата е во тек.