Пелистер се засили со уште еден младински репрезентативец на Македонија!

Екипата на Пелистер продолжува со формирањето на ростерот за новата сезона, а најново име кое ќе му се приклучи на битолскиот состав е македонскиот младински репрезентативец, Бојан Димитриев.

Станува збор за 20-годишен кошаркар, висок 204 сантиметри, кој минатата сезона настапуваше за Водно Санс, а со добрите партии го привлече вниманието на битолчани. Димитриев е стандарден член на македонската репрезентација до 20 години и се очекува да биде важен дел од ротацијата на тренерот Тане Спасев. Од Пелистер се очекува официјално да го промовираат новото засилување на стартот од подготовките за претстојната сезона.

Со ангажманот на Димитриев, битолскиот клуб продолжува со активностите на трансфер-пазарот, откако претходно беа договорени Ќириловски, Златевски, Благој Димитриев, Сапунџиев, Американците Алонзо Едвард Денинг и Камрон Мекдауел, додека нови договори потпишаа и младите кошаркари Созовски и Марковски.