МЗТ доби моќен сојузник: АЛТА банка нов спонзор на македонскиот првак!

Македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром продолжува да ги зајакнува своите редови, но овојпат надвор од паркетот, откако денеска на прес-конференција го претстави својот нов спонзор – АЛТА банка.

Клубот годинава има пеколен распоред – покрај стандардната битка за домашните трофеи и предизвиците во регионот, МЗТ по подолг период се враќа и на европската сцена преку натпреварувањата на ФИБА. Токму затоа, финансиската и организациската стабилност се клучни за успесите кои се посакуваат. Претседателот на Бордот на директори на МЗТ Скопје, Никола Трајчевски, не го криеше задоволството од новиот потпис, потенцирајќи дека станува збор за партнерство кое ќе трае.
 
„Радува фактот што една компанија која силно го препознава спортот и кошарката ги препозна начинот на функционирање и амбициите на МЗТ Скопје. Со АЛТА банка во нашето семејство добиваме уште една сериозна компанија, подготвена да ги следи амбициите на клубот не само оваа сезона, туку и на среден и долг рок. Веруваме дека заедно ќе продолжиме да градиме успеси на домашен, регионален, а конечно и на европски план“, изјави Трајчевски.
 
Дека соработката ќе оди многу подалеку од само поставување лого на дресовите, потврдија и од таборот на новиот спонзор. Стефан Николиќ, член на Управниот одбор на АЛТА банка, истакна дека тие сакаат да бидат активен дел од спортската заедница во Македонија.
 
„За нас е големо задоволство соработката со клуб со ваква традиција и силен идентитет, кој оставил голем печат во македонската кошарка. Како банка која расте, сакаме да бидеме активен дел од заедницата. Нашата желба е ова да не биде само класично спонзорство, туку динамично партнерство преку кое заеднички ќе создаваме дополнителна вредност за клубот, навивачите и пошироката јавност“, порача Николиќ.
 
Со овој потег, МЗТ Скопје уште еднаш докажува дека организациски е подготвен за највисоки дострели, со надеж дека новата соработка ќе донесе многу победи кои заеднички ќе се слават со армијата навивачи.