Гвардиола ги шокира фудбалските фанатици: Не сакам повеќе да работам како тренер!

Еден од најтрофејните тренери во историјата на фудбалот, Пеп Гвардиола, откри дека сериозно размислува повторно да се повлече од тренерската работа, бидејќи во овој момент не чувствува потреба да се врати покрај аут-линијата.

Шпанскиот стратег призна дека по децении поминати во фудбалот сака да искуси поинаков живот, далеку од секојдневниот притисок што го носи тренерската професија.

„Психички ништо не ми недостига. Тренерската кариера ја почнав на 37 години и целиот мој живот беше поврзан со фудбалот. Сега сакам да откријам како изгледа животот надвор од него, да бидам среќен правејќи работи што немаат никаква врска со овој спорт“, изјави Гвардиола.

Ова не би било првпат тој да направи пауза. По четирите спектакуларни сезони на клупата на Барселона, кога освои речиси сè што можеше да се освои, Гвардиола се повлече од тренерската работа и една година помина во САД, посветувајќи се на семејството и личниот развој. По таа пауза ја презеде екипата на Баерн Минхен, а потоа започна и неговата повеќе од десетгодишна успешна приказна со Манчестер сити.

Поради тоа веќе подолго време се шпекулираше дали следниот чекор во неговата кариера ќе биде нов клуб, репрезентација или нов одмор, а неговите последни зборови сугерираат дека токму третата опција е најреална.

„Го сакам мојот работен ангажман, но доаѓа момент кога чувствувате дека треба да запрете. Можеби еден ден ќе се разбудам и ќе кажам: 'Во ред, повторно сакам да бидам тренер'. Но, таа желба мора да дојде од мене, а денес едноставно не ја чувствувам“, изјави тој.

Гвардиола истакна дека сака да им се посвети на најблиските, особено по долгите години исполнети со огромен професионален притисок.

„Се обидувам да сфатам како ќе изгледа мојот живот во иднина. Одлучив да застанам затоа што морам повеќе да се грижам за себе. Сакам да поминувам повеќе време со моите деца и со татко ми, кој има 95 години и сè уште е со нас. Имам 56 години, веќе не сум млад и мојот поглед кон животот се менува. Сè уште се навикнувам на оваа нова фаза, но засега сè оди многу добро“, порача славниот Шпанец.