Македонските кадети меѓу десетте најдобри во Европа - Португалија падна по голема драма!

Кадетската репрезентација на Македонија продолжува со добрите настапи на Европското првенство (ЕП) за ракометари до 18 години, откако во разигрувањето за пласман ја совлада Португалија (26-25) и обезбеди место меѓу десетте најдобри селекции на континентот.

Избраниците на селекторот Горан Кузманоски одиграа уште еден борбен и неизвесен натпревар, во кој победникот беше решен во самиот финиш. Херој на Македонија беше Трајче Костов, кој го постигна победничкиот погодок во завршницата и донесе голема радост во македонскиот табор. Португалците имаа можност да стигнат до израмнување во последниот напад, но обидот на Соуза Маркез заврши покрај голот, по што македонските ракометари почнаа да го слават заслужениот триумф.

Најефикасен во македонскиот состав беше Горазд Дамчевски со седум погодоци, додека Трајче Костов натпреварот го заврши со пет гола, вклучувајќи го и решавачкиот. Македонија во последниот натпревар ќе се бори за деветтото место на ЕП и тоа против победникот од дуелот меѓу Австрија и Израел.

ФОТО: РФМ / Nikola Cimburovic