Борусија сака навивање без мобилни телефони – ќе ги наградува оние што најмалку ќе ги користат!

Борусија Дортмунд покрена иницијатива со која сака да ги поттикне навивачите помалку да ги користат мобилните телефони за време на натпреварите, нудејќи им потпишани дресови и ваучери за купување клупски производи.

Навивачите доброволно ќе можат да активираат посебен режим во клупската апликација, кој ќе следи колку често ги отклучуваат телефоните за време на натпреварот. Паузата меѓу двете полувремиња нема да се смета, а корисниците ќе освојуваат поени во зависност од тоа колку ретко ги користат своите уреди. Секое ново отклучување на телефонот ќе носи губење поени, додека најуспешните учесници ќе добијат награди.

„Повеќе од 81.000 луѓе на стадионот пеат, навиваат и заедно го задржуваат здивот“, изјави во четвртокот генералниот директор на клубот, Карстен Крамер.

Клубот нагласува дека учеството во програмата е доброволно и дека на навивачите не им е забрането да ги користат мобилните телефони.

Овој потег е дел од пошироката реакција во германскиот фудбал на обидите атмосферата на стадионите да се претвори во содржина за социјалните мрежи, особено кога станува збор за инфлуенсери кои користат професионална опрема за снимање.

Тренерот на Борусија Дортмунд, Нико Ковач, изјави дека ја поддржува идејата за поретко користење на телефоните, но дека на играчите им остава слобода сами да одлучат како ќе се подготвуваат за натпреварите.

„Веќе забранив користење телефони за време на заедничкиот оброк пред натпреварот, но немам проблем со тоа играчите да ги користат во соблекувалната или во автобусот, ниту со носењето слушалки. Доволно се возрасни за да знаат што им е потребно за да се подготват за натпреварот“, изјави Ковач во петокот.