Озил до ФИФА: Зошто ја казнивте Русија, а Израел не? (ВИДЕО)

Поранешната фудбалска ѕвезда Месут Озил јавно ја прозва Меѓународната фудбалска федерација ФИФА поради според него примената на двојни аршини при донесувањето санкции во меѓународниот спорт.

Зборувајќи на настан по повод пријателскиот натпревар меѓу ветераните на турски Башакшехир и руски Зенит, организиран во рамките на 19. Евроазиски економски форум во Истанбул, Озил се осврна на селективниот пристап на фудбалските организации.

Тој истакна дека ФИФА без двоумење вовела строги суспензии за руските клубови и репрезентации, додека идентични мерки никогаш не биле изречени за израелските тимови.

„Се надевам дека двојните стандарди ќе ги остават настрана“, изјави Озил.

Поранешниот играч од средниот ред на Реал Мадрид и Арсенал, исто така, потсети на изворната улога на спортот, нагласувајќи дека фудбалот отсекогаш требало да служи за поврзување на луѓето.

За време на обраќањето пред медиумите, Озил им се заблагодари на организаторите за поканата и им упати честитки на гостите од Русија за учеството на ревијалниот натпревар, одржан под мотото „Обединети преку фудбалот“.