На Конте му здодеа од шпекулациите, се огласи и кажа што планира

Поранешниот тренер на Наполи, Антонио Конте, се огласи на Инстаграм и ги демантираше написите што во последните денови го поврзуваа со неколку клубови.

Конте се поврзуваше со Јувентус и Манчестер Јунајтед, но, како што тврди самиот, не е блиску до ниту еден од споменатите гиганти.

„Со оглед на написите што во последните денови ги објавија бројни медиуми, во Италија и во странство, сметам дека е потребно да се огласам и да ги разјаснам работите. Моето име се поврзуваше со бројни клубови, но во моментов нема никакви преговори во напредна фаза“, напиша Конте.

Тој додаде дека по, како што наведе, одличниот и победнички период на клупата на Наполи, ќе си даде време да процени како и кога ќе се врати на тренерската работа.

„Тоа ќе биде промислена одлука, која ќе ја донесам кога ќе проценам дека постојат вистинските услови“, порача тој.

Конте ги отфрли и наводите за финансиските барања и целосните овластувања што наводно веќе им ги поставил на клубовите кои се споменуваат во медиумите, како и приказните дека клубовите имаат резерви поради неговиот „силен карактер“. Според него, станува збор за неосновани тврдења, бидејќи во моментов не постојат конкретни основи врз кои би можеле да се темелат.

„Доколку се појави конкретна можност, тогаш ќе биде време за разговор со заинтересираниот клуб и заедничка процена на условите за евентуален договор, со почитување на меѓусебните потреби и карактеристиките што ја одликуваат мојата тренерска работа. Дотогаш, секоја претпоставка за моите барања и за мојата професионална иднина останува шпекулација и не може да се смета за факт“, заклучи Конте.