Силекс ѝ гостува на Шкендија (А): Кратовци по нов триумф, домаќинот брка - историска победа!
Натпреварот ќе се одигра на стадионот „Чаир“, каде што новиот прволигаш ќе го има првиот домашен настап во елитното друштво. Во таборот на Силекс не се опуштаат, а фудбалерот од средниот ред и македонски репрезентативец Дарко Ангелески нагласува дека противникот заслужува максимален респект.
„Нè очекува тежок натпревар против Шкендија Арачиново. Нема да ја потцениме екипата, имаат многу нови, добри и искусни играчи во своите редови, и покрај тоа што стартуваа со пораз. Ние имаме свој план и стратегија како да го добиеме натпреварот и во Чаир одиме да се надигруваме и да ги освоиме трите бода. Атмосферата во екипата е одлична по победата над Башкими и сакаме да продолжиме во ист ритам“, изјави Ангелески.
Арачиновски од другата страна по поразот од Струга направи дополнителни промени во ростерот, засилувајќи ја одбраната пред првиот домашен натпревар во ПМФЛ. Голманот Антонио Столевски верува дека тимот ги извлекол поуките од премиерата.
„Од натпреварот против Струга ги извлековме потребните поуки. Тој натпревар е зад нас и целосно сме фокусирани на следниот предизвик. Силекс е квалитетен противник кој заслужува максимален респект, но ние ќе се бориме за секоја топка од првата до последната минута“, порача Столевски.
Тој испрати и повик до навивачите да му дадат силна поддршка на тимот.
„Не сме случајно во Првата лига и не дојдовме тука да играме епизодна улога. Ги повикувам сите наши навивачи да го исполнат стадионот во Чаир и да бидат нашиот 12-ти играч во обидот да ја оствариме првата историска домашна победа“, дополни чуварот на мрежата.