Венгер: Само една репрезентација може да ја запре Франција

Поранешниот тренер на Арсенал и легендарниот француски стратег Арсен Венгер смета дека Франција е главниот фаворит за освојување на Светското првенство.

Според него, единствената репрезентација што може да им застане на патот на „триколорите“ е Шпанија.

„Франција ќе го освои Светското првенство. Знам дека ќе кажете: Секако дека го велиш тоа затоа што си Французин,“ изјави Венгер за „Скај спортс“.

Тој додаде дека внимателната анализа на турнирот покажува јасна слика.

„Ако го анализирате првенството, ќе сфатите дека сè се одвива како воз што се движи со одредена брзина, а вие мора да бидете подготвени да се качите во него“, рече Венгер.

Искусниот стратег смета дека меѓу преостанатите селекции само една има квалитет да ја совлада Франција.

„За мене, вистинското прашање е Шпанија. Ако има репрезентација што во овој момент може да ја победи Франција, тогаш тоа е Шпанија, бидејќи технички е на повисоко ниво од Французите“, истакна Венгер.

Нагласи дека Шпанците се издвојуваат со својот препознатлив стил на игра.

„Шпанија поседува квалитет и култура на колективна игра каква што во моментов нема ниту една друга репрезентација во светот. Тоа би можело да биде пресудно во евентуален дуел меѓу овие две селекции. Сепак, Франција е физички посилна“, заклучи Венгер.