Заврши најуспешната ера во историјата на Хрватска - Далиќ си поднесе оставка!
„Коцкестите“ настапот на Мундијалот го завршија во осминафиналето, по поразот од Португалија (1-2), а тоа беше првото СП под водство на Далиќ од кое се враќаат без медал. По освоеното сребро во Русија во 2018 година, бронзата во Катар во 2022 година и второто место во Лигата на нации во 2023 година, поразот од Португалија означи крај на една блескава генерација и на мандатот на човекот кој ги донесе најголемите успеси во историјата на хрватската репрезентација.
Хрватскиот фудбалски сојуз официјално го потврди разделбата со емотивна порака.
„Скромно доаѓање. Незаборавен пат. Горд збогум. По речиси девет години, селекторот Златко Далиќ реши да ја заврши својата неверојатно успешна ера на чело на 'ватрените'. Ти благодариме за победите, успесите, пласманите, медалите, заедништвото, почитта и бескомпромисната борба за Хрватска на теренот и надвор од него“, порачаа од ХНС.
Во своето проштално обраќање, Далиќ истакна дека ова е најтешката одлука што ја донел во кариерата.
„Секогаш велев дека нема поголема чест од водењето на својата репрезентација. Не можев ниту да сонувам дека ќе ги постигнеме сите овие успеси. Најмногу сум горд на заедништвото што го изградивме меѓу тимот и хрватскиот народ. Заминувам со исполнето срце и горд што дадов придонес во најголемите успеси на хрватскиот фудбал. Време е“, порача Далиќ.
Тој упати благодарност до играчите, стручниот штаб, раководството на Сојузот, навивачите, медиумите и своето семејство, истакнувајќи дека иднината на хрватската репрезентација е светла. Далиќ ја презеде Хрватска во квалификациите за Светското првенство 2018, кога го наследи Анте Чачиќ. Веднаш ја однесе селекцијата до историското сребро во Русија, а подоцна освои и бронза на Мундијалот во Катар, со што стана најуспешниот селектор во историјата на хрватската репрезентација.