Колумбиските навивачи го провоцираа Гранит Џака со - српско знаме (ВИДЕО)

Швајцарија по подобро изведување пенали ја елиминира Колумбија (4-3), откако по 120 минути игра немаше голови и обезбеди пласман во четвртфиналето на СП 2026, каде ќе се сретне со Аргентина.

Херој на Швајцарците беше голманот Грегор Кобел, кој го одбрани ударот на Хернандез во четвртата серија, а претходно Колумбијците не ја искористија ниту грешката на Мануел Аканџи, кој шутираше над голот. Пенал-серијата ја отвори капитенот на Швајцарија, Гранит Џака, кој сигурно реализираше во својот 151. настап за националниот тим. Сепак, непосредно пред неговиот удар се случи момент што привлече големо внимание.

Зад голот, меѓу колумбиските навивачи, беше развеано големо српско знаме, очигледно со намера да се изврши психолошки притисок врз Џака пред изведувањето на пеналот. И покрај провокацијата, искусниот играч за врска остана максимално смирен и без проблем ја затресе мрежата.

Причината за ваквиот потег најверојатно лежи во долгогодишниот конфликт меѓу Џака и српските навивачи. Фудбалерот, чии родители се Албанци од Косово, на СП 2018 година по победата над Србија го прослави голот со „летање“ на двоглавиот орел, симбол што предизвика бурни реакции. Четири години подоцна, на Мундијалот во Катар, повторно беше во центарот на вниманието поради тензичните сцени на натпреварот против Србија.

ФОТО: X / @SunderlandAFC

*моментот со знамето е на 11.30 минути од видеото