Шест од шест: Кошаркарите и со комбиниран тим го преслушаа Луксембург (ФОТО)
Првото место и промоцијата во следната рунда беше осигурано и пред оваа средба, поради што селекторот Жозеп Мариа Берокал настапи со комбиниран тим, без Андреј Јакимовски, кој не допатува и без Војдан Стојановски, за кого немаше потреба да влезе во игра. Стручниот штаб им даде шанса на некои нови имиња и на тие што играа помалку во минатото, а дебитираше и нашиот нов странец, Нејт Сестина. Нашите момци водеа од првиот до последниот момент, а првата поопиплива предност ја имаа пред крајот на првата четвртина (18-9). Во вториот период доминиравме максимално, па со серија 13-2 дојдовме до плус 18 (40-22), а набрзо потоа на одмор заминавме со највисоката предност на средбата од 19 поени (46-37).

Тоа како малку да ги опушти македонските кошаркари, кои нешто полошо влегоа во третиот дел од средбата, што домаќинот го искористи да намали на минус 10 (44-54). Во тој период и судиите почнаа „домаќински“ да ја делат правдата, давајќи му некаква надеж на Луксембург за евентуален пресврт. Но, колку и да се обидуваа да му помогнат на противникот, тоа не беше доволно да се спречи налетот на жолто-црвените, кои на секоја серија на противникот враќаа на ист начин. Нашата предност во ниту еден момент не падна на едноцифрена разлика, што доволно говори дека не постоела некаква реална опасност за било какво изненадување.

Виктор Ташовски беше моторот на македонскиот тим и прво име на оваа средба со 16 поени, седум скока и седумасистенции, додека одлично поентерско деби имаше Сестина, кој со 18 поени беше најефикасен во нашиот табор. Двоцифрени беа уште и Стојан Ѓуроски со 13 поени, Валмир Какруки и Виктор Ефремовски со по 12 поени.

Македонските кошаркари втората претквалификациска фаза ќе ја почнат на крајот од август, а противниците во една од четирите групи со по три селекции ќе ја добијат на ждрепката на 15 јули во Минхен.



