Новинарите го прашаа Тухел дали користеле вијагра пред дуелот со Мексико (ВИДЕО)

Селекторот на Англија, Томас Тухел, со насмевка одговори на необично прашање дали неговата репрезентација користела вијагра како помош против последиците од големата надморска височина пред осминафиналниот натпревар против Мексико на Светското првенство.

Дуелот меѓу Англија и еден од домаќините на шампионатот ќе се одигра на легендарниот стадион „Азтека“ во Мексико Сити, кој се наоѓа на околу 2.200 метри надморска височина. Таквите услови се сметаат за голема предност за мексиканската репрезентација која на овој стадион има импресивен биланс од 70 победи, 17 нерешени натпревари и само два пораза во 89 одиграни средби.

Тухел призна дека Англичаните немаат доволно време целосно физички да се приспособат на условите во Мексико Сити, па токму поради тоа на прес-конференцијата доби необично прашање.

Новинар го праша дали е вистина дека репрезентацијата користела вијагра за да ги ублажи последиците од високата надморска височина бидејќи такви информации се појавиле во јавноста.

„До мене не стигнале такви информации. Тоа не е вистина“, одговори Тухел со насмевка.

Подоцна на истата тема беше запрашан и искусниот играч за врска Џордан Хендерсон.

„Па, вијаграта помага “, се пошегува Хендерсон, пред веднаш да додаде:

„Се шегувам.“