Селекторот на Канада ја има најдобрата изјава на СП: Баш ме заболе што ќе кажат!
Веднаш по последниот судиски свиреж, Марш ги собра своите играчи на центарот на теренот и им се обрати со зборови кои за кратко време станаа вирални.
„Вие сте канадски херои! Канадски херои за сите идни деца во оваа земја кои ќе го играат овој спорт. Овој спорт има голема иднина токму поради вас. Треба да бидете горди на тоа кои сте и на натпреварот што го одигравте“, им порача Марш.
Подоцна, на прес-конференцијата, американскиот стручњак објасни зошто решил веднаш на теренот да им се обрати на своите избраници, не криејќи дека не го интересираат евентуалните критики.
„Луѓето сакаат да кажат дека тоа е само претстава кога по натпревар ќе ја собереш екипата на теренот, но искрено – баш ме заболе за тоа што ќе кажат. По крајот на мечот играчите веднаш ги влечат медиумите и навивачите на сите страни, па мора да го искористиш тој момент. Единствено што ме интересира е нашиот тим и тоа што го градиме заедно“, изјави Марш.
Канада до историскиот успех стигна со голот на Стивен Еустакио во втората минута од судиското продолжение, со што за првпат во својата историја обезбеди место меѓу 16-те најдобри селекции на еден Мундијал.