Меси и Модриќ испишаа историја на СП - eдниот со гол, a другиот со асистенција!

Двајцата фудбалски великани, Лионел Меси и Лука Модриќ, продолжуваат да испишуваат историја на Светските првенства, рушејќи рекорди и во доцните години од своите блескави кариери.

Капитенот на Хрватска стана најстариот фудбалер кој запишал асистенција на еден Мундијал, откако во победата над Гана (2-1) беше еден од најзаслужните за пласманот на „коцкестите“ во нокаут-фазата. Модриќ, кој има 40 години, во 83. минута изведе прецизен корнер, а Никола Влашиќ со удар со глава го постигна победничкиот гол. Со тоа, хрватскиот капитен стана најстариот асистент на мундијалите откако од 1966 година официјално се води оваа статистика. Неговиот придонес не заврши тука. Во самиот финиш од натпреварот, со пожртвувана интервенција во сопствениот шеснаесетник спречи опасна шанса на Гана и помогна неговата селекција да ја сочува предноста и пласманот понатаму.

Нов рекорд постави и капитенот на Аргентина, кој до историското достигнување стигна во последното коло од групната фаза против Јордан (3-1), кога во 80. минута со мајсторски изведен слободен удар ја завери победата на „гаучосите“. Претходно токму над него беше направен прекршок на работ од шеснаесетникот, а потоа со прецизен удар по земја низ живиот ѕид ја затресе противничката мрежа. Со овој погодок, аргентинскиот ас остана осамен на врвот и според уште една статистика – стана првиот фудбалер во историјата кој постигнал гол на седум последователни натпревари на Светските првенства. Претходно рекордот го делеше со легендарните Жист Фонтен и Жаирзињо, кои успеале да се запишат меѓу стрелците на шест последователни мундијалски натпревари.

Тоа беше негов 19. погодок на Светските првенства, со што дополнително го подобри сопствениот рекорд по бројот на голови на мундијалите. Воедно, тоа беше и негов 72. гол од слободен удар во професионалната кариера, односно 12. во дресот на аргентинската репрезентација. Меси сега има 123 гола на 202 настапи за Аргентина и се наоѓа на второто место на вечната листа на репрезентативни стрелци. Пред него е само Кристијано Роналдо со 145 погодоци.