Гански новинар категорично тврди - Гана намерно ќе загуби од Хрватска!

Во пресрет на вечерашниот клучен натпревар меѓу Хрватска и Гана (23 часот) на СП 2026, се појавија интересни информации дека Ганците би можеле да имаат необична дилема околу конечниот пласман во групата.

Според ганскиот спортски новинар Калеб, постои можност во таборот на неговата репрезентација да размислуваат за сценарио во кое би го избегнале второто место, поради проблемите што би ги имале во продолжението на турнирот. Причината е поврзана со Томас Парти, еден од најважните репрезентативци, кој има проблеми со добивањето канадска виза поради обвинение за силување во Велика Британија.

Поради тоа тој веќе го пропушти натпреварот против Панама, а доколку Гана ја заврши групната фаза како второпласирана, дел од нокаут-фазата би се играл во Торонто, каде што, според истите информации, Парти повторно не би можел да настапи. Новинарот тврди дека Фудбалската федерација на Гана, како и државните институции, се обиделе да влијаат врз канадските власти за промена на одлуката, но без успех. Според него, ниту ФИФА не сакала да се вмеша во случајот.

Калеб додава дека Парти е еден од клучните фудбалери на репрезентацијата и дека, според неговото мислење, Гана попрво би избрала потежок спортски пат отколку да остане без својот лидер во нокаут-фазата. Сепак, засега станува збор за медиумски шпекулации и нема никаква официјална потврда дека Гана навистина би калкулирала со резултатот против Хрватска. Единствено сигурно е дека вечерашниот натпревар ќе има огромно значење за конечниот расплет во групата.

ФОТО: X / @AfricaFirsts