Бразил ако сака светска титула мора подобро, Мароко покажа дека може да биде опасен! (ВИДЕО)
Според прикажаното на теренот, впечатокот е дека Мароканците беа поблиску до победата, додека избраниците на Карло Анчелоти уште еднаш покажаа дека имаат многу простор за напредок доколку сакаат сериозно да конкурираат за светската титула.
Мароко подобро го отвори натпреварот и во најголемиот дел од првото полувреме вршеше постојан притисок врз фаворизираниот противник. Иницијативата на африканската селекција беше крунисана во 21. минута, кога Дијаз одлично го пронајде Исмаил Саибари, а мароканскиот играч за врска со ефектна завршница го совлада Алисон за заслужено водство од 1-0.
Бразил се врати во игра преку Винисиус Жуниор кој блесна во 32. минута постигнувајќи мајсторски гол, еден од најубавите досега на Мундијалот.
Второто полувреме не донесе многу возбудувања. Двете репрезентации играа значително повнимателно, со јасна намера да не останат без бодови уште на стартот од турнирот. Бразил имаше поголем посед на топката и повеќе удари во рамките на голот, но не успеа да стигне до гол. Од друга страна, Мароко со дисциплинирана игра успешно ги затвораше сите приоди кон својот гол.
Бразил во второто коло ќе се соочи со Хаити во Филаделфија, додека Мароко ќе ги одмери силите со Шкотска во Мајами.