Скандал пред СП: Навивачите добија бесплатни билети, а сега им бараат илјадници долари!

Неочекуван пресврт се случи во продажбата на билети за СП 2026, откако ФИФА побара од навивачите кои поради техничка грешка добиле бесплатни влезници да ги платат во рок од седум дена или ќе останат без своите места на трибините.

Грешката се појавила во системот за наплата, поради што околу 60 навивачи успеале да резервираат билети по цена од нула долари. Од ФИФА потврдија дека проблемот настанал за време на процесот на плаќање и дека засегнатите навивачи добиле известување дека нивните билети се доделени бесплатно.

„Жалиме за грешката и за сите непријатности што ги предизвика. Билетите остануваат резервирани, но навивачите треба да го уплатат точниот износ за да ги задржат“, соопштија од светската куќа на фудбалот.

Навивачите имаат рок од седум дена да ја извршат уплатата, а во спротивно нивните резервации ќе бидат поништени. Станува збор за билети за натпревари од групната фаза што ќе се играат во Торонто. Овој случај доаѓа во период кога ФИФА се соочува со зголемен притисок поради начинот на кој се продаваат билетите за Мундијалот во САД, Канада и Мексико.

Властите во Њујорк и Њу Џерси веќе започнаа истрага за тоа дали практиките на ФИФА при продажбата на билети ги прекршуваат законите за заштита на потрошувачите. Државните обвинители побарале детални информации, особено околу контроверзниот систем на „динамично формирање цени“, поради кој цените на билетите значително се менувале во зависност од побарувачката. Дополнително незадоволство кај навивачите предизвикале и измените на распоредот на седиштата на стадионите, поради што дел од купувачите биле преместени подалеку од теренот.

СП 2026 ќе стартува на 11 јуни со натпревари во Мексико Сити и Гвадалахара, додека финалето ќе се игра на стадионот „Њујорк – Њу Џерси“. На секундарниот пазар најевтините билети за финалето веќе достигнуваат цена од речиси 8.000 долари, додека местата поблиску до теренот се продаваат и за повеќе од 12.000 долари.