Омерагиќ: „Големите“ екипи имаат што да научат од младинските финалиња!

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, испрати силна порака до клубовите по завршувањето на младинските финалиња од Купот на Македонија, истакнувајќи дека младите фудбалери покажале пример како треба да изгледа вистинскиот спортски дух.

Тој им честиташе на сите тимови кои настапија во финалните натпревари, но посебно го нагласи однесувањето на младите фудбалери, кои и покрај големите емоции знаеле достоинствено да го прифатат резултатот.

„Во изминатите денови видовме нешто што е подеднакво важно како и самиот резултат. Почит, спортски дух и фер-плеј. Младите фудбалери покажаа како се победува, но и како се прифаќа поразот. Со шпалир за противникот и со меѓусебно почитување испратија силна порака дека фудбалот е многу повеќе од само натпревар“, порача Омерагиќ.

Особено внимание привлече делот од неговата изјава во кој потенцира дека „големите“ екипи имаат што да научат од најмладите. Оваа порака доаѓа по одбивањето на Шкендија да ја примат сребрените медали по поразот во сениорското куп-финале против Силекс (0-1).

„Верувам дека големите екипи имаат што да научат од нив. Понекогаш токму најмладите се тие што покажуваат како треба да изгледа фудбалот на теренот и надвор од него“, додаде претседателот на ФФМ.

Омерагиќ упати честитки и до организаторите на финалните натпревари од Купот на Македонија и завршницата на Детската лига, потенцирајќи дека натпреварите поминале во одлична атмосфера и во духот на фер-плејот. Тој нагласи дека особено го радува фактот што годинава во центарот на вниманието биле фудбалот и позитивните спортски приказни, за разлика од минатото кога домашната сцена често беше обележана со инциденти.

„Таквата слика сакаме да ја гледаме почесто и верувам дека претставува добар темел врз кој треба да продолжиме да го градиме македонскиот фудбал“, заклучи Омерагиќ.