Најголемата сензација во историјата на Ролан Гарос: Се молам Ѓоковиќ да продолжи да игра!
Полската тенисерка, која во Париз пристигна како 114-та на светот, во финалето ќе се бори за својата прва гренслем-титула, а во пресрет на мечот откри кои се луѓето поради кои се вљубила во тенисот.
„Прво бев навивач број еден на Роџер Федерер. Кога почнав да играм тенис, сè се вртеше околу него. Потоа дојдоа Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ. Сега само се молам Новак да продолжи да игра за да можам и понатаму да го гледам. Благодарна сум што пораснав во оваа ера. Понекогаш ги гледам нивните стари мечеви – тоа е како поезија“, изјави Хвалинска.
Иако признава дека е воодушевена и од новата генерација предводена од Карлос Алкараз и Јаник Синер, за неа „големата тројка“ останува нешто посебно. Главното оружје на 24-годишната Полјачка е нејзината неверојатна игра во дефанзива. Таа важи за тенисерка која ретко се предава во поените, а благодарение на одличното движење и чувството на мрежа успева да врати и навидум загубени топчиња.
Хвалинска открива дека пред секој натпревар детално ги анализира противничките, а голема помош ѝ е тоа што постојано гледа тенис и надвор од теренот. Сепак, најголемиот предизвик допрва доаѓа. Во финалето ја чека Мира Андреева, осмата тенисерка во светот и најмладата членка на Топ 10 друштвото.
„Гледав многу нејзини натпревари. Таа е неверојатна тенисерка. За мене ова ќе биде уште едно огромно искуство и ќе дадам сè од себе бидејќи се работи за гренслем-финале“, порача Полјачката.
Колку е неверојатен нејзиниот успех покажува и фактот што никогаш претходно немала настап ниту во едно ВТА-финале. Во кариерата има освоено само два Челинџер турнири, а сега е на чекор до најголемиот трофеј во тенисот. Пласманот во финалето веќе ѝ донесе огромен скок на ВТА-листата. Од понеделник ќе биде 21. тенисерка во светот, а евентуалната титула би ја искачила дури до 14. место. Освен спортски, успехот носи и огромна финансиска добивка. До почетокот на Ролан Гарос, Хвалинска во кариерата заработила околу 864.000 долари од турнирски награди. Самото финале веќе ѝ гарантира чек од 1,4 милиони евра, додека титулата би ѝ донела двојно повеќе – 2,8 милиони евра.
Нејзината сензационална приказна веќе им создаде главоболки и на организаторите на Вимблдон. Бидејќи новиот пласман нема навреме да биде внесен во рангирањето за главниот турнир, Полјачката формално би требало да игра квалификации, освен ако не добие специјална покана (вајлд-карта). Едно е сигурно – без разлика на исходот во финалето, Маја Хвалинска веќе е најубавата приказна во историјата на Ролан Гарос.