ФИФА укина уште едно правило кое екстремно ги нервираше љубителите на фудбалот!

Љубителите на фудбалот повеќе нема да мора да чекаат по десетина секунди за да видат дали ќе се крене знаменцето при очигледен офсајд, откако ФИФА потврди дека на СП 2026 ќе се користи напредна полуавтоматска технологија, која значително ќе го забрза носењето на одлуките.

Новиот систем ќе им помага на помошните судии во ситуации кога офсајдот е јасен. Според најавите, доколку технологијата детектира дека фудбалерот се наоѓа во недозволена позиција поголема од 10 сантиметри, помошниот судија веднаш ќе добие звучен сигнал во слушалката и ќе може без одложување да го крене знаменцето. Со ова практично ќе исчезнат сцените кои со години ги нервираат навивачите – кога офсајдот е очигледен неколку метри, а акцијата сепак продолжува сè до завршување на нападот пред судијата да реагира.

Досегашната практика на одложено кревање на знаменцето беше воведена поради ВАР-технологијата, со цел да се избегнат грешки во спорните ситуации и да се дозволи акцијата да заврши пред да биде донесена конечна одлука. Покрај новиот офсајд-систем, ФИФА ќе воведе и дополнителни технолошки новитети. Меѓу нив е автоматско следење дали топката ја напуштила играта, како и специјален 3Д-приказ кој ќе им помогне на судиите при проценката дали играч од офсајд-позиција влијаел врз видното поле и реакцијата на голманот.

Целта на ФИФА е јасна – побрзи одлуки, помалку прекини и помалку контроверзи на теренот.

ФОТО: Wikipedia