Фабијани го комплетираше стручниот штаб со кој ќе ја брани двојната круна

Eкипата на Вардар сезонава ја врати шампионската титула по пауза од шест години, а во наредната сезона ќе биде предводена од нов тренер, Аргентинецот, Кристијан Фабијани ја презема палката од Гоце Седлоски.

Новиот тренер на Вардар веќе го комплетираше и стручниот штаб со кој ќе соработува и ќе се обиде да ја одбрани двојната круна освоена сезонава.

Негов асистент ќе биде Матеа Мирков кој останува во тимот и по заминувањето на Седлоски и за него сезоната која следи ќе биде трета во клубот. Улога на втор асистент ќе има Марјан Герасимовски кој е поранешен играч на Вардар, а во кариерата настапуваше и за Партизан и Легија Варшава со која стана и шампион на Полска. Во Македонија беше дел и од Цементарница и Маџари каде што ја заврши играчката кариера во 2012 година.

За тренер на голманите назначен е актуелниот трет голман на Вардар, Методија Велковски кој во Вардар е две години откако пристигна од Силекс, додека фитнес тренер ќе биде Метин Далип кој последниот ангажман пред Вардар го имаше во Бугарија во тимот на Хебар Пазарџик. За него ова претставува враќање во таборот на црвено-црните бидејќи истата улога ја извршуваше и во 2009 година.