Засилувањето на Вардар преку ноќ стана хрватски херој – наследник на легендарниот Лацковиќ!

Леон Љевар (25 години) е ракометарот кој со своите настапи во дресот на хрватската репрезентација на двете пријателски средби против Шведска експресно го привлече вниманието на ракометната јавност, а многумина веќе го споредуваат со легендарниот Блаженко Лацковиќ.

Левиот бек изминативе две години настапуваше за словенечкиот тим Слован, а од следната сезона ќе го носи дресот на Вардар и тоа како дел од амбициозниот проект што се подготвува за враќање на старата слава на двојниот европски шампион. Новата хрватска надеж сезонава во Европската лига на шест средби постигна дури 44 голови.

„Имав разговори и со Загреб, но почувствував дека во Вардар ќе добијам повеќе простор и подобри услови за напредување. Ми се допадна проектот што ми го презентираа. Освен мене, доаѓаат и Матео Фадуил-Пренди (полубрат на францускиот репрезентативец Пранди-н.з.), како и Мохаб Абделхак од Кил. Се создава млада и перспективна екипа и верувам дека ќе ми биде одлично во Скопје“, изјави Љевар за хрватските медиуми (види ТУКА).

Интересно е што новото засилување на „црвено-црните“ не поминало низ младинските селекции на Хрватска, туку до врвот стигнало по потешкиот пат.

„Одев чекор по чекор. Играв во Матуљи, Трсат, Козала, Замец, Рибница, а сега и во Слован. Добрите партии во Европската лига ми помогнаа да се наметнам. Пресреќен сум што ќе соработувам со Иван Чупиќ и верувам дека 'под него' ќе направам уште еден голем исчекор. Ќе играме во Лигата на шампионите, што отсекогаш ми бил сон“, додаде хрватскиот репрезентативец.

Љевар првично почнал да игра кошарка и тоа три години поради својот брат, но бил „заразен“ од ракометот поради феноменалните настапи на Хрватска на СП 2009, кога решил да направи трансфер и да се проба во овој спорт. На среќа на вардарци, кои имаат големи очекувања од него за следната сезона.

ФОТО: HRS/Facebook