Руни побара Ливерпул да го избрка Салах: Не би го пуштил ни да влезе на стадионот!

Вејн Руни жестоко го нападна Мохамед Салах по неговата објава на социјалните мрежи, оценувајќи дека тој без никаква причина јавно го понижува тренерот на Ливерпул, Арне Слот.

Легендата на англискиот фудбал дури порача дека Египќанецот не треба ниту да биде во тимот за прошталниот меч на „Енфилд“ против Брентфорд. Реакцијата на Руни доаѓа по поразот на Ливерпул од Астон Вила (2-4), по кој Салах преку социјалните мрежи испрати порака што многумина ја сфатија како директна критика кон Слот. Тој напиша дека сака враќање на „хеви-метал“ фудбалот по кој тимот беше препознатлив во ерата на Јирген Клоп.

„Не е на него јавно да го прозива тренерот. Тоа е тажно после сè што направи за Ливерпул“, изјави Руни во својот подкаст.

Поранешниот капитен на Англија смета дека Салах повеќе не може да игра со интензитетот што го бара стилот на Клоп.

„Тој сака ‘хеви-метал’ фудбал, но мислам дека веќе нема нозе за таков ритам. Да бев јас Арне Слот, немаше ни да му дозволам да се приближи до стадионот за последниот натпревар“, порача Руни, потсетувајќи дека и самиот бил исфрлен од составот на последниот меч на „Олд Трафорд“ по конфликт со Алекс Фергусон.

Руни смета и дека Салах со ваквите изјави се обидува да го тргне вниманието од слабата сезона. Иако минатата година беше избран за играч на сезоната во Премиер лигата со 29 голови и 18 асистенции, оваа сезона постигна само седум погодоци и додаде шест асистенции.

„Ова е вторпат јавно да го омаловажува тренерот и не може тоа да помине без последици. Навивачите ќе бидат на негова страна, но тој точно знае што прави“, додаде Руни.

Салах, кој по девет години се подготвува да го напушти Ливерпул, во својата објава порача дека клубот мора повторно да стане тим од кој противниците ќе стравуваат и дека пласманот во Лигата на шампионите е минимум што навивачите го заслужуваат.

ФОТО: www.liverpoolfc.com