НБА потврди: Шеј по вторпат е МВП на сезоната – Дончиќ за никого не бил најдобар!

Шеј Гилџис-Александер втора година по ред е избран за МВП на НБА-лигата, додека Лука Дончиќ не доби ниту еден глас за прво место и покрај историската сезона што ја одигра.

Ѕвездата на Оклахома сити тандер убедливо триумфираше во изборот на 100 новинари и аналитичари кои гласаат за најкорисен играч во НБА, освојувајќи 83 гласа за првото место и вкупно 939 поени. Тој со ова стана 14. кошаркар во историјата со две последователни МВП-признанија. Воедно, тој е првиот играч по Никола Јокиќ кому тоа му успеало, а прв бек по Стеф Кари.

Јокиќ заврши втор со 634 поени и 10 гласа за првото место, додека трет беше Виктор Вембањама од Сан Антонио спарс. Најголемо изненадување предизвика фактот што Дончиќ не доби ниту еден глас за прво место во изборот за МВП, иако беше најдобар стрелец во лигата и одигра една од најдоминантните сезони во кариерата. Словенечкиот ас на ЛА Лејкерс заврши четврти со 250 поени.

Дончиќ просечно бележеше 33,5 поени, 8,3 асистенции и 7,7 скокови по натпревар, но неговите шанси во трката за признанието значително опаднаа по повредата на задната ложа поради која го пропушти финишот на сезоната и плејофот.