Потврдено и од „горе“: Жозе Мурињо дефинитивно се враќа во Реал Мадрид!

Веќе легендарниот Жозе Мурињо дефинитивно е пред сензационално враќање во Реал Мадрид, откако според информациите на познатиот инсајдер Фабрицио Романо, сите услови меѓу двете страни веќе се усно договорени и останува само официјализирањето на договорот.

Португалецот треба да потпише двегодишен договор, а неговото пристигнување во Мадрид е планирано по натпреварот против Атлетик Билбао. Со тоа, Мурињо би го наследил Алваро Арбелоа на клупата на „кралскиот клуб“. Доколку трансферот биде официјализиран, Мурињо ќе стане четврти тренер на Реал во период од само една година, по Карло Анчелоти, Чаби Алонсо и привременото решение Арбелоа. Во изминатиот период како можни кандидати се споменуваа и Маурицио Покетино и Дидие Дешан, но Мурињо постојано бил фаворит на раководството.

Последните случувања во соблекувалната дополнително ја засилиле желбата на клубот за тренер со силен авторитет. Шпанските медиуми пишуваат за нарушени односи меѓу дел од фудбалерите, а како примери се наведуваат конфликтот меѓуОрелиен Чуамени и Федерико Валверде, како и реакцијата на Килијан Мбапе кон Арбелоа по натпреварот со Овиедо.

Претседателот Флорентино Перез индиректно ја потврди поддршката за враќањето на Мурињо.

„Тој веќе беше тука и го подигна нашето натпреварувачко ниво“, изјави Перез кога беше прашан за Португалецот.

Во Реал веруваат дека првиот мандат на Мурињо од 2010 до 2013 година поставил темели за подоцнежната доминација на клубот во Лигата на шампионите, во која мадридскиот гигант освои четири титули во периодот од 2014 до 2018 година.