АК Куманово победник на Купот на Македонија во атлетика за сениори и сениорки

Националната арена „Тодор Проески“ изминатиот викенд беше домаќин на атлетскиот Куп на Македонија за сениори и сениорки, натпреварување кое донесе голем број квалитетни резултати и возбудливи настапи во сите атлетски дисциплини.

Станува збор за едно од најзначајните тимски натпреварувања во македонската атлетика, каде клубовите се борат за бодови во генералниот пласман. Во секоја дисциплина постои однапред утврдена резултатска норма, а бодови се доделуваат само за атлетичари кои ќе ја исполнат нормата за време на натпреварувањето. Бодувани беа првите осум места во секоја дисциплина.

Во женска конкуренција најуспешен беше АК Олимп со 367 бодови, пред АК Куманово со 364 и АК Работнички со 281 бод. Кај мажите, пак, доминираше АК Куманово со освоени 666 бодови, додека второто место му припадна на АК 7ми Мај со 476 бодови. Трет заврши АК Делта со 441 бод. Во вкупниот пласман победник на Купот на Македонија за сениори и сениорки за 2026 година е АК Куманово со 1.030 бодови. Второпласиран беше АК Олимп со 831 бод, а третото место го освои АК 7ми Мај со 630 бодови.

Наградите на најуспешните клубови и атлетичари ги додели деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, проф. д-р Владко Неделковски, кој беше специјален гостин на натпреварувањето.