Почнува финалето во кошаркарската Суперлига: МЗТ Скопје апсолутен фаворит против дебитантот

Вечерва од 20:30 часот во „Јане Сандански“ ќе биде означен стартот на финалната серија во кошаркарската Суперлига на Македонија.

Титулата ја брани МЗТ Скопје, а предизвикувачот е тим кој пред почетокот на сезоната веројатно никој не го очекуваше во оваа фаза - Маџари. Дебитантот во елитната конкуренција и клуб кој пред само три години се врати на кошаркарската сцена во Македонија, оствари историски успех со пласманот во големото финале.

„Оваа екипа покажа нешто што не се учи-карактер. Кога беше најтешко, останавме мирни, верувавме еден во друг и покажавме дека имаме срце за големи работи. Многумина можеби не веруваа дека Маџари може да стигне до финале, но ние цела сезона тивко и напорно работевме токму за ова.  Ветивме историска сезона и тоа ветување го исполнивме! Сепак, не сакам еуфорија.  Финалето не се игра, финалето се освојува! Имаме уште една последна битка и ќе дадеме сè од себе да ја завршиме приказната на најубав можен начин“, вели тренерот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ пред почетокот на финалето.

Сепак, иако станува збор за подвиг за почит за Маџари, јасно е кој е апсолутен фаворит во големото финале. МЗТ Скопје иако нема сјајна сезона, во своите редови има кошаркари кои добро знаат како се играат вакви натпревари и серии. Искуството на освојување трофеи е драстично на страната на бранителот на титулата и се освен 3-0 во финалето ќе биде еднакво на сензација. МЗТ можеби имаше и малку среќа затоа што во една од послабите сезони последните години, го избегна ТФТ во финалето, но против Пелистер во „мајсторката“ покажа од што е направен овој тим и каква е неговата надмоќ во однос на останатите.

„Финалето секогаш носи посебен предизвик, како круна на сезоната во која сте пролеале милиони капки пот. Се подготвуваме максимално, веруваме во својот квалитет и сме подготвени да дадеме се од себе за да ја одбраниме титулата. Маџари со настапите во првенството и во плејофот покажа квалитет кој треба да се респектира. Немаме намера да го потцениме, без разлика што е дебитант во елитата. Но, свесни сме дека се зависи од нас самите. Ако бидеме на потребното ниво тогаш ќе бидеме многу блиску до целта, а тоа е задржување на круната во Аеродром“, смета шефот на стручниот штаб на МЗТ Скопје, Васко Атанасов.

Клубот од Аеродром има шанса да израмни и постави неколку рекорди во македонската кошарка, на пример, по седми пат да стане шампион, како Работнички од 1993 до 1999 година или четврти пат во низа да ја освои двојната круна. Ќе ја брка 13. шампионска титула и ако успее ќе се доближи на само две од својот градски ривал.

Финалето се игра до три победи, првите два меча се на теренот на МЗТ Скопје, денеска и в среда, а третиот и евентуалниот четврти меч во Маџари. Новиот шампион може да биде познат најрано на 23 мај, односно идната сабота.