Битолчани не му се даваат на МЗТ: Џенкинс му донесе „мајсторка“ на Пелистер!

Кошаркарите на Пелистер се изборија за „мајсторка“ во полуфиналната плејоф-серија, откако вечерва ја добија пресметката на домашен терен против МЗТ Скопје (81-76) со што изедначија на 1-1 во победи.

Битолчани заслужено дојдоа до триумфот во меч кој можеше да им биде последен оваа сезона, иако имаа голем пад во третиот период во кој прокоцкаа голема предност. Зелено-белите со фантастична игра дојдоа до највисоки плус 15 (51-36) на стартот од третиот период, но тоа не им донесе мирно привршување на средбата. Аеродромци блеснаа веднаш потоа, па со цврста одбрана успеаја дури и да изедначат пред крај на оваа четвртина (58-58). Но, домаќинот се созема, врати со десет поени во низа (68-58) и повторно дојде до голема позитива, која овој пат ја задржа до последниот звук на сирената.

Бранден Џенкинс беше убедливо најзаслужен за победата на Пелистер, со оглед што средбата ја заврши со 31 поен (8/9 за два поени), од кои многу беа во клучните моменти кога се кршеше резултатот. Кевин Дејвис додаде 15 поени, додека Лангстон Вилсон заврши со 12 поени и осум скока. Душан Танасковиќ со 22 поени и 9 скока беше најпрецизен кај МЗТ, додека веднаш зад него беше Војдан Стојановски со 17 поени.

Решавачкиот трет меч ќе се одигра в среда или четврток во салата „Јане Сандански“ во Аеродром. Во второто полуфинале, Маџари води против ТФТ (1-0) пред вториот финален дуел закажан за во вторник на теренот на оваа екипа.