Премиерлигашки фудбалер суспендиран зашто се „пуштал“ на 15-годишно девојче!

Челниците на премиерлигашот Борнмут го отстранија од тимот младиот шпански фудбалер Алекс Хименез, откако на социјалните мрежи се појавија наводни пораки од негова преписка со малолетно лице.

Според објавените скриншотс, фудбалерот во комуникацијата наводно напишал дека знае оти девојката има 15 или 16 години, но дека „сака помлади девојки“ и дека никогаш „не бил со 15-годишно девојче“. Во преписката, која брзо се прошири на интернет, наводно испраќал и свои фотографии. Од клубот веднаш реагираа и соопштија дека играчот нема да биде дел од тимот за денешниот натпревар кај Фулам, ниту ќе се врати во составот додека трае внатрешната истрага.

„Борнмут е запознаен со објавите што кружат на социјалните мрежи поврзани со нашиот десен бек. Клубот сериозно ја сфаќа ситуацијата и во моментов спроведува истрага. Поради тоа, Алекс нема да биде дел од тимот за утрешниот натпревар против Фулам и клубот до понатаму нема дополнително да коментира“, соопшти англискиот премиерлигаш.

Хименез има 21 година и сезонава настапи на 32 натпревари за Борнмут. Во клубот пристигна минатиот септември од Милан на позајмица, а англискиот тим подоцна ја активираше клаузулата за откуп вредна 15 милиони фунти. Во моментов нема информации дали случајот е пријавен кај надлежните органи, а истрагата на клубот е во тек.

ФОТО: X.COM