Баерн со право реагира, пред една година бил досуден пенал за идентична ситуација! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Баерн Минхен не успеаја да обезбедат пласман во големото финале од Лигата на шампионите, откако во двомечот беа поразени од ПСЖ со вкупни 6-5.

Во германскиот гигант сметаат дека биле сериозно оштетени на реваншот, најпрво поради тоа што Нуно Мендеш не добил црвен картон, а потоа и поради недосудениот пенал по играњето со рака на Жоао Невеш.

Во спорната ситуација Витиња ја погоди топката во раката на својот соиграч, но нивниот сонародник, португалскиот судија Жоао Пињеиро, не покажа на белата точка, ниту пак доби повик од ВАР-собата.

Дека реакциите на Баерн имаат основа, според германските медиуми, покажува и една речиси идентична ситуација од пред точно една година на натпревар од португалското првенство помеѓу Боависта и Порто.

Тогаш фудбалерот на Порто, Педро, шутираше топка надвор од шеснаесетникот, а таа го погоди Неуен Перез во рака, по што главниот судија Клаудио Переира веднаш досуди пенал.