Роналдо и Меси во еден ден останаа без милиони следбеници на Инстаграм!

Кристијано Роналдо и Лионел Меси, чие влијание врз светскиот фудбал е огромно и одамна надминува спортски рамки, воедно се и двете личности со најмногу следбеници на Инстаграм каде што сега поради голема акција на компанијата „Мета“ изгубија по неколку милиони следбеници.

Имено, „Мета“ започна со масовно бришење на ботови, неактивни профили и налози за кои е утврдено дека функционираат по шаблони на вештачка интелигенција.

„Отстрануваме профили кои ги прекршуваат нашите правила со цел да овозможиме поавтентична интеракција“, соопштија од компанијата.

Во таа „голема чистка“ значителен пад на следбениците забележаа и Роналдо и Меси. Португалецот остана без осум милиони следбеници и сега има 666 милиони на својот профил, додека Аргентинецот изгуби 4,8 милиони и моментно има околу 507 милиони следбеници.

Секако, поради големиот број следбеници тие се и најголемите „губитници“ помеѓу спортистите.

Фото: Al Nassr/Inter Miami