Фудбалот е религија, а Марадона - Господ: Хаотичниот Неапол стишува само кога игра Наполи (ФОТО)
Јужноиталијанскиот град е светски познат по пицата Маргарита, вулканот Везув, уништените градови Помпеја и Херкуланеум, најголемиот подземен аквадукт од времето на Римјаните и хаосот што го создаваат илјадниците скутери низ тесните улички. Но, сето тоа паѓа во втор план кога ќе се спомене фудбалот. Во Неапол тој е посебна религија, а својот „Ватикан“ го има во една мала уличка во „Шпанската четврт“, каде што се наоѓа муралот на најдобриот на сите времиња – Марадона.

Паролата „Господ постои“ е испишана буквално низ целиот град, потенцирајќи дека за жителите на Неапол Диего Армандо Марадона не е само фудбалер, туку спасител, идол и симбол на гордоста на југот. Во град кој со децении бил потценуван од северот на Италија, токму Аргентинецот им покажал на неаполците дека можат да бидат најдобри и дека нивниот Наполи може да владее со светот.

Пред легендарниот мурал на Марадона секојдневно минуваат илјадници туристи и навивачи. Некои оставаат шалови, други дресови, трети палат свеќи како да се наоѓаат пред свето место. Таму фудбалот и религијата одамна се испреплетени. Од прозорците висат сини знамиња, на балконите стојат фотографии од Марадона, а речиси во секој објект има барем една „икона“ со ликот на аргентинскиот виртуоз.
„Мислам дека не постои држава во светот од која барем еден човек не го посетил ‘светиот грал’. Тука можат да се слушнат сите можни јазици. Одамна продавам на ова место и, верувајте ми, сум видел и слушнал буквално сè. Сите нив ги спојува еден човек и иста љубов. Енергијата тука е неверојатна“, ни изјави симпатичниот Салваторе, еден од уличните продавачи во близина на муралот.

Но, вистинската магија на Неапол се чувствува кога игра Наполи. Тоа е моментот кога еден од најхаотичните градови во светот одеднаш станува тивок. Скутерите исчезнуваат од улиците, гласните расправии се претвораат во тивко исчекување, а цели семејства, маала и кафулиња живеат за секоја минута од натпреварот.
За време на престојот во овој град немавме среќа да присуствуваме на натпревар во живо на стадионот „Марадона“, бидејќи Наполи гостуваше кај Комо на 1 мај. Но и без атмосферата од трибините, градот ни покажа како изгледа љубовта кон овој клуб. На секој чекор се слушаа радиопреноси – од мали кафулиња, трафики и отворени прозорци на старите згради. Малкуте луѓе што во тој момент беа на улица одеа со телефоните пред себе, внимателно слушајќи што се случува со нивните херои.

Причината поради која голем дел од неаполците и денес натпреварите ги следат преку радио е суровата реалност на југот од Италија, кој е значително посиромашен од северот и каде што многу семејства едвај преживуваат.
„Малкумина имаат претплата на телевизиските оператори каде што се емитуваат натпреварите од Серија А. За обичниот наполитанец таа е прескапа. Затоа се снаоѓаме, особено кога нашите миленици гостуваат. Радиото е пуштено најгласно и ништо друго тогаш не е важно. Продавниците, пицериите, дури и најтуристичките делови од градот се стишуваат – сите со мислите се на теренот. За нас Наполи е дел од душата, дел од битието. Без него ни ние не сме тоа што сакаме да бидеме“, вели Гаетано, вработен во една од најстарите и најпознати пицерии – „Старита“.

Духот на Марадона живее во секој дел од Неапол. Речиси и да не постои кварт, населба или тесна уличка во која не може да се почувствува неговото присуство. На секој чекор има мали улични штандови, продавници и сувенирници преполни со шалови, дресови, знамиња, фигурини и фотографии со ликот на Аргентинецот, но и со симболите на Наполи. Другите фудбалери како и да не постојат – и од минатото и од сегашноста, меѓу кои е и нашиот Елиф Елмас. Тој беше дел од клубот од 2019 до 2024 година, период во кој со Наполи ја освои титулата шампион на Италија во 2023 година, а сезонава повторно е во градот како позајмен фудбалер од Лајпциг.
„Ништо друго не се бара освен сувенири со ликот и бројот на Марадона. Се продава буквално сè – од чорапи и дресови до дуксери, разгледници и магнети. Имаме и пицерија со неговото име, се служи и пијалак ‘Марадона шприц’. Едноставно, сè е во знакот на Аргентинецот. Немаме дресови на други фудбалери, а многу ретко може да се најдат низ Неапол, освен во офијалните продавници. Но таму ретко кој купува, бидејќи се многу поскапи од уличните сувенири. Тоа важи и за вашиот Елмас, за кого голем дел од навивачите на Наполи имаат добро мислење, иако не добиваше шанса каква што заслужуваше со својот талент“, објаснува Салваторе.

Во Неапол, Марадона не е само минато или легенда од старите снимки. Тој е дел од секојдневниот живот. Неговото лице е на ѕидовите од зградите, на прозорците, на фрижидерите во малите продавници, па дури и на приврзоците што ги продаваат уличните трговци. За неаполците, Марадона одамна ја надминал границата на спортот и станал вечен симбол на градот – човекот кој им ја донел најголемата гордост и засекогаш го обединил југот под сината боја на Наполи. Истовремено, секоја година носи и милиони туристи – спортски фанатици кои сакаат да се поклонат во „фудбалскиот Ватикан“, пред ликот на „фудбалскиот Господ“.
