Манчестер сити ќе го промени името на стадионот на еден ден

Манчестер сити само за првенствениот натпревар против Брентфорд викендов на еден ден привремено ќе го преименува својот стадион.

„Етихад“ ќе го носи името „The City in the Community Etihad Stadium“ во чест на официјалната хуманитарна организација на клубот „City in the Community“. Освен промената на името на стадионот, работата на организацијата ќе биде промовирана и на други начини.

Фудбалерите на Сити на теренот ќе излезат во јакни со логото на фондацијата, Рубен Дијаш сними специјални најави за автобусите и трамваите кои сообраќаат кон стадионот, додека графиките со играчите за социјалните мрежи ги изработија ученици од локалните училишта.

Иако клубот ја поддржува организацијата во текот на целата година преку донации и промоции, секоја сезона еден натпревар е целосно посветен на претставување на работата на оваа хуманитарна организација.

Оваа година изборот падна на саботниот дуел против Брентфорд. Тимот на Пеп Гвардиола ќе се надева дека со победа дополнително ќе го одбележи овој настан и ќе остане во трката за титулата во Премиер лигата.

Фото: Manchester City/X