ПСЖ поради суеверие пред реваншот го избрал хотелот на Баерн

Фудбалерите на Пари Сен Жермен во среда гостуваат кај Баерн Минхен во реванш натпреварот од полуфиналето на Лигата на шампионите, каде ќе ја бранат предноста од 5-4 од првиот дуел. 

„Светците“ од Париз ќе пристигнат во Минхен во вторник, а пред натпреварот се појави и интересна увертира која ја пренесува „Л’Екип“.

Според францускиот медиум, Парижаните сакале пред овој дуел да бидат сместени во истиот хотел каде што ќе престојуваат и фудбалерите на Баерн„Инфинити“.

Хотелот за ПСЖ има посебно значење, бидејќи токму таму тимот престојувал минатата година пред финалето во Лигата на шампионите, кога со убедливи 5-0 го совлада Интер.

Поради суеверие тие инсистирале да се вратат во истиот хотел, верувајќи дека им носи среќа. Сепак, проблем настанал бидејќи и Баерн Минхен бил сместен токму таму. Тренерот на баварскиот клуб, Винсент Компани, сепак јасно стави до знаење дека тие нема да ги менуваат нивните планови.

„Ова е наш град. Остануваме во ‘Инфинити’. Не се откажуваме од нашиот домашен хотел. Ова е наша домашна средина и наш град“, изјавил Компани.

По ова, ПСЖ бил принуден да побара алтернативно сместување, па според последните информации тимот ќе биде сместен во хотелот „Андаз“, кој се наоѓа во близина на автопатот А9 кон „Алијанц Арена“.