Mилан во поголема голгетерска криза не бил цела деценија

Милан постигна само 48 голови во актуелната сезона во Серија А што претставува најслаба голгетерска сезона на „росонерите“ во последните 10 години, исто така избраниците на Алегри победија на само еден од последните пет натпревари.

Поразот од Сасуоло (0-2)  дополнително ја комплицира ситуацијата во борбата за Лигата на шампионите, бидејќи Милан има само пет бода повеќе од Комо, а до крајот на сезоната остануваат уште три кола. Во меѓувреме, Рома би можела да им се доближи на само три бода разлика доколку вечерва ја победи Фиорентина.

Со 48 постигнати гола на 35 натпревари, се очекува Милан да ја заврши сезоната со најлош учинок во нападот во последната деценија.

Ниту индивидуалната форма на напаѓачите не е на посакувано ниво. Кристијан Пулишиќ нема постигнато гол веќе 126 дена, односно од 28 декември 2025 година. Николас Филкруг, кој пристигна во јануари, последен пат се запиша во листата на стрелци на 18 јануари. Кристофер Нкунку нема гол во последните 69 дена, од 3 февруари, кога погоди против Болоња.

Сантијаго Хименез поради повреда подолг период беше надвор од терените и сè уште нема погодок во Серија А оваа сезона, а последен пат се запиша во мај 2025 година. Рафаел Леао, пак, нема гол од 1 март, кога Милан го совлада Кремонезе со 2-0.