Новиот Лука Дончиќ и официјално избран за најдобар дебитант во НБА!

Кошаркарот на Далас Маверикс, Купер Флег, е прогласен за најдобар дебитант сезонава во НБА, соопштија од лигата.

Станува збор за голем 19-годишен талент, кој беше прв пик на драфтот и кој стана трет играч во историјата на „телињата“ со ова признание - по Џејсон Кид (1995) и Лука Дончиќ (2019), со кого е споредуван. Далас не се пласира во плејофот и ја заврши сезоната со скор 26-56 на 12. место на Западот, но и покрај тоа Флег импресионираше со просек од 21 поен, 6,7 скока, 4,5 асистенции и 1,2 украдени топки.

Тој испиша историја како најмлад кошаркар кој постигнал најмалку 50 поени на еден НБА натпревар, а стана и првиот „руки“ по Мајкл Џордан (1984/85) кој бил лидер на својот тим во поени, скокови, асистенции и украдени топки. Флег освои 412 поени – доби прво место кај 56 гласачи и второ кај 44, со што за 26 поени го надмина својот поранешен соиграч од Дјук, Кон Кнепел од Шарлот Хорнетс, кој имаше одлична сезона со 18,5 поени во просек и дури 273 погодени тројки.

Трет во изборот беше Ви-Џеј Еџкомб од Филаделфија 76ерс со 96 поени, додека гласови добија и Дилан Харпер (Сан Антонио Спарс) и Седрик Кауард (Мемфис Гризлис).