Башкими ќе игра четири меча надвор од Куманово!
Оваа суспензија, практично значи дека Башкими и до крајот на оваа сезона нема да игра на свој терен бидејќи пред домашната публика требаше да одигра уште две средби. Сега за овие дуели, кумановскиот состав ќе треба да најде ново решение.
Покрај суспензијата, Башкими е казнет и со парична казна во износ од 5.000 евра.
„Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука ФК Башкими 1947 Куманово да се казни со забрана за играње на домашен терен во траење од четири натпревари и парична казна од 5.000 евра, поради слаба организација на натпреварот против ФК Струга Трим Лум, одигран во рамки на 28. коло од Првата МФЛ на 19.04.2026 година на стадионот „Башкими“ во Куманово, како и поради присуство на неслужбени лица на теренот и во службените простории и физички напад врз претставници и фудбалери на гостинската екипа“, стои во соопштението од ФФМ.
На седницата исто така беа изречени и казни за тренерот на Кожуф, Иван Вардиновски и за тренерот на голманите на овој тим, Трајче Ников. Двајцата се суспендирани со по два натпревари.