Андов по поразот од Унгарија: Ова беше нова можност за да се стекне неопходното искуство

Македонската женска фудбалска репрезентација загуби со 0-5 од Унгарија во Битола во третата рунда од квалификациите за Светското првенство (СП), а селекторот Александар Андов вели дека тој натпревар била нова можност за фудбалерките да го стекнат неопходното искуство.

Андов е задоволен од прикажаната игра на македонските фудбалерки, иако тие запишаа висок пораз.

„Унгарија е сериозен противник, фаворит за освојување на првото место во групата и тоа го докажа на дуелот во Битола. И овој натпревар беше уште една можност за оваа талентирана генерација да го стекне неопходното искуство кое во иднина ќе овозможи вакви мечеви да се играат на далеку повисоко ниво. Би сакал да го потенцирам настапот на Теона Галабовска која од натпревар во натпревар игра се подобро и го потврдува големиот талент. Како награда за тоа што го прикажа на теренот, решив во финишот таа да ја носи и капитенската лента. Сметам дека Теона треба да го почувствува моментот кога треба да е лидер на екипата бидејќи од тоа го очекуваме во иднина. Во принцип  задоволен сум од прикажаното. Во одредени ситуации одигравме она што претходно беше договорено. За жал скапо ја плативме цената на деконцентрацијата во дефанзивата, а на моменти потфрлија и фудбалерките во средниот ред. Премногу рано примивме два гола, Унгарките веќе по десет минути игра имаа голема предност “, кажа Андов.

Селекторот кажа дека Македонија има талентирана генерација на млади фудбалерки кои во блиска иднина треба да бидат рамноправни противници со репрезентации кои се дел од големите натпреварувања.

„Нашата цел е јасна, градиме нова селекција во која шанса ќе добиваат младите фудбалерки. Вакви натпревари за нив се одлична можност за напредок. Верувам во овие девојки и се надевам дека на следниот дуел во Унгарија ќе играме многу подобро. Тоа се поткрепува со фактот дека бевме рамноправни во второто полувреме што значи дека во овој тим има потенцијал за да игра на повисоко ниво“, посочи селекторот.