Поради ТФТ одложено второто коло од Плејоф-лигата и тоа на - Велигден!
Скопскиот тим е „виновникот“ за прескокнување на еден термин и тоа поради добрите игри во доигрувањето од АБА2, каде што задутре (среда) ќе го одигра вториот меч од полуфиналната серија со Сутјеска (18 часот) во која води со 1-0 по „брејкот“ во Никшиќ.
„Ваквото поместување не се однесува само на ТФТ, туку истото неминовно ги засега и клубовите кои се нивни противници во наредните кола, како и целокупниот распоред на натпреварувањето. Од особено значење е да се нагласи дека една од клучните цели на оваа одлука е обезбедување на синхронизирано завршување на Топ 6 и Плеј-аут лигата, со што се гарантира еднаков натпреварувачки третман, зачувување на интегритетот и избегнување на евентуални натпреварувачки предности или неправилности. Оваа одлука е донесена во насока на избегнување на дополнително усложнување на календарот, обезбедување рамноправни услови за сите клубови и зачувување на регуларноста и кредибилитетот на натпреварувањето“, се вели во дописот од комесарот Александар Милојевиќ до клубовите.
Првично беше предвидено од второто коло да биде одложен само дуелот помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје, но во интерес на регуларноста, комесарот реши да ја пролонгира целата рунда, која наместо в среда ќе се игра следниот викенд.