Македонија од последниот барабан во ждрепката за Европското првенство

Женската репрезентација на Македонија е рангирана во последниот, четврти барабан за ждрепката за Европското првенство која ќе се одржи на 16 април во Катовице.

Заедно со нас, во тој ранг се уште Хрватска, Србија, Исланд, Украина и Грција, селекции со кои не можеме да бидеме во иста група. Првенството ќе се одржи од 3 до 20 декември во пет држави: Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција со тоа што две од шесте групи ќе се играат во Романија, во Орадеа и Клуж. Домаќините ќе бидат во улога на носители на групите, а во втората група во Романија, во таква улога е Унгарија. Покрај Орадеа и Клуж, натпревари од првиот сегмент ќе се играат уште во Анталија, Брно, Катовице и Братислава.

Двете најдобри репрезентации од секоја група продолжуваат во главната фаза од првенството чии натпревари ќе се играат во Клуж и Катовице, додека завршниот дел, полуфиналето и финалето се на програмата во Катовице.

БАРАБАНИ ЗА ЖДРЕПКАТА
1: Норвешка, Данска, Унгарија, Франција, Шведска, Холандија
2: Германија, Црна Гора, Полска, Романија, Шпанија, Чешка
3: Турција, Словачка, Словенија, Швајцарија, Австрија, Фарски Острови
4: Хрватска, Србија, Исланд, Македонија, Украина, Грција