Полесен тренинг за Шкендија пред разврската за титулата, Тиквеш по бодови во Струга

Актуелниот шампион Шкендија денеска го пречекува „фенерџијата“ Шкупи пред финалните шест кола од првенството во кои ќе се решава новиот првак.

Тетовци заостануваат четири бода зад лидерот Вардар и немаат право на кикс до крајот, ако сакаат да ги одржат своите шанси за одбрана на трофејот и за можноста во последното коло да решаваат за тоа кој ќе биде шампион на Македонија за оваа сезона. Денешниот меч треба да биде само полесен тренинг со оглед на тоа што Шкупи одамна е испаднат и со само еден бод го држи последното место на табелата во Првата лига.

Вториот денешен меч се очекува да биде многу поинтерсен бидејќи се среќаваат екипи на кои бодовите им се многу важни. Струга го пречекува Тиквеш во ситуација кога ѝ е потребна победа за да остане во игра за второто место, додека Тиквеш се уште не обезбедил сигурен опстанок и постои можност да игра бараж. Кавадарчани имаат само една победа против Струга на последните 11 меѓусебни пресметки.

Двата денешни натпревара почнуваат во 15:30 часот, а утре ќе се одиграат последните два меча од 27. коло.