Јокиќ остана во трка за МВП, Рајаковиќ испиша тренерска историја во НБА (ВИДЕО)
Со овој триумф, тимот од Колорадо го обезбеди третото место на Западот и дуел со Минесота Тимбервулвс во првата рунда од плеј-офот. Клучна улога во изненадувањето имаше Никола Јокиќ, кој за само 18 минути во првото полувреме постигна 23 поени и запиша осум скока, што беше доволно да се квалификува за индивидуалните награди. Иако не настапи во вториот дел, само Џулијан Страудер со 25 и Диерон Фокс со 24 поени беа поефикасни од него на мечот.
Српскиот центар зад себе има историска сезона во НБА лига, која ја заврши со просек од 27,8 поени, 12,9 скока и 10,9 асистенции. Со тоа стана првиот кошаркар во историјата кој истовремено е лидер во две клучни статистички категории – скокови и асистенции. Неговиот подвиг добива уште поголема тежина ако се знае дека вакво нешто не им успеало ниту на легенди како Расел Вестбрук, Оскар Робертсон и Вилт Чембрлејн.

Во меѓувреме, успех забележа и српскиот тренер Дарко Рајаковиќ, кој со Торонто Репторс обезбеди пласман во плеј-офот по победата над Бруклин нетс (136-101) во последната рундаод регуларната сезона. Канадскиот тим ќе влезе во доигрувањето како петти носител. Со тоа, Рајаковиќ влезе во историјата како прв европски тренер кој успеал да одведе НБА екипа во плеј-офот. Српскиот стратег претходно работеше како асистент во Оклахома Сити Тандер, Феникс Санс и Мемфис Гризлис, пред да го преземе Торонто.
Во првата рунда од плеј-офот, Репторс ќе се соочат со Кливленд Кавалирс, кој ќе има предност на домашен терен.
РЕЗУЛТАТИ: Бостон - Орландо 113-108, Кливленд - Вашингтон 130-117, Индијана - Детроит 121-133, Мајами - Атланта 143-117, Њујорк - Шарлот 96-110, Филаделфија - Милвоки 126-106, Торонто - Бруклин 136-101, Далас - Чикаго 149-128, Хјустон - Мемфис 132-101, Минесота - Њу Орлеанс 132-126, Оклахома - Финикс 103-135, Сан Антонио - Денвер 118-128, Лејкерс - Јута 131-107, Клиперс - Голден Стејт 115-110, Портланд - Сакраменто 122-110.