Брутален меч каков што одамна немало: Вајлдер славеше по драмата во Лондон (ВИДЕО)

Деонтеј Вајлдер излезе како победник од спектакуларниот бокс-меч во лондонската „О2“ арена, откако со поделена судиска одлука го совлада Дерек Чисора во меч кој ги оправда сите очекувања на публиката.

Дуелот меѓу двајцата тешкаши донесе 12 рунди жестока размена, полни со силни удари, нокдауни и драматични пресврти, во кои ниту еден од борците не попушти до самиот крај. Клучниот момент се случи во осмата рунда, кога Дерек Чисора успеа да го разниша Вајлдер, но Американецот експресно возврати со серија брутални контри. Во хаотичната размена, Чисора заврши и надвор од рингот, но покажа неверојатна издржливост – се врати и дури успеа да го собори Вајлдер со силно кроше.

Сепак, Вајлдер успеа да се консолидира и да ја приведе борбата до крај, оставајќи подобар впечаток кај судиите, кои пресудија во негова корист (115-111, 112-115, 115-113). Тој со оваа победа стигна до својот 45-ти триумф во кариерата, додека за Чисора ова беше 14-ти пораз во 50-тиот професионален настап – можеби и последен во неговата долга кариера.

ФОТО: EPA PHOTO