Дерби во Скопје: Вардар го пречекува Охрид

Денеска со дербито во Скопје помеѓу Вардар и Охрид ќе биде комплетирано третото коло во плеј-офот од Суперлигата.

Натпреварот се игра во салата „Јане Сандански“ со почеток од 18:30 часот и со победа Вардар може да направи уште еден чекор напред кон враќање на титулата во првенството. Токму поради тоа од редовите на домаќиниот одлучија да ги отворат и вратите и влезот за навивачите ќе биде слободен.

Во натпреварот Вардар влегува како лидер со 46 бода и со натпревар помалку има четири бода повеќе од второпласираниот Пелистер (42), Охрид има два бода помалку од битолчани и со победа би можеле да се израмант на втората позиција.

Натпреварот за охриѓани доаѓа и помеѓу двата дуели во ЕХФ Европскиот куп против Олимпијакос, првиот натпревар го добија со 31-25 во Грција, а реваншот на домашен терен ќе го играат в сабота.